„ВАРДАРСКИ ПАСТУВИ“: Претстава за маалски скопски локалци

Во театарот „Комедија“  денеска со почеток од 20 часот  ќе се прикаже  претставата „Вардарски пастуви“ во режија на Синиша Евтимов.

„Вардарски пастуви“ е во комплетна продукција на театар „Комедија“, а текстот е според филмот „Фул монти“ од Симон Буве и „Дамите избираат“ од Ентони Мекартен и Стивен Синклер адаптиран на маалски скопски локалци.

Адаптацијата е на Евтимов, а негов е и изборот на музика, додека пак за кореографијата е задолжена неговата сестра Саша Евтимова, со која прв пат соработува.

Сценографијата е на Милан Несторов, а костимографијата е на Александар Ношпал.

„Вардарски пастуви“ е за скопска маалска банда која седи и не прави ништо. Нивното нефункционирање во средината, како што рече, не се должи на нивната неспособност, туку на нивната инертност и на тоа што не сакаат да се потрудат и да направат нешто повеќе со себе во животот.

Се интересираат само за фудбалскиот клуб „Вардар“ и за фудбалот. Во момент на апатија и незаинтересираност, во оглас во весник наоѓаат интересна понуда за работа - машки стриптиз.