Вардарци изразија благодарност до УЕФА што им дозволи да играат во Скопје

Откако Европската фудбалска федерација (УЕФА) реши да го прифати барањето на македонскиот првак Вардар мечот од третото квалификациско коло за Лигата на шампионите против Копенхаген црвено-црните да го играат на домашен терен, вардарци јавно упатија благодарност до европската куќа на фудбалот.

Во соопштението на ФК Вардар објавено на официјалната интернет страна на клубот пишува дека „фудбалскиот клуб Вардар упатува благодарност до европската куќа на фудбалот УЕФА што излезе во пресрет и ни дозволи натпреварот против Копенхаген да го играме како домаќини во Скопје, и покрај забраната да се играат мечеви на Националната Арена ,Филип Втори’ до натпреварот од Супер-Купот на 8 август“.

– Сега останува на нас, на клубот да покажеме дека можеме да организираме еден натпревар на нивото на Лигата на шампионите. Добрата организација е поврзана и со односот на публиката и навивањето од трибините на обичната публика, и на нашите навивачи „Комити“. За да покажеме дека можеме да организираме и натпревари од ваков тип, ќе треба фер и корентно навивање од трибините на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје од сите страни. Единствено на тој начин можеме да и вратиме на УЕФА за овој потег, и за укажаната доверба да ни овозможи да го играме натпреварот како вистински домаќини, се вели во соопштението.

Среќни сме,се додава, што имаме можност овој натпревар да го играме на наш терен во Скопје и да имаме поголема поддршка од трибините, со која ќе можеме да ветиме максимална игра на овој натпревар од кој сакаме да излеземе како победници.

На крајот ФК Вардар истакнува благодарност до Струмица и до цела Македонија за поддршката на минатиот меч против Малме кој се одигра на стадионот „Младост“.

– Тој меч ќе ни остане во вечно сеќавање и историската победа која ни донесе пласман во следната рунда од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, се потенцира во соопштението.

Иако ждрепката го одреди прво данскиот тим како домаќин, сепак, по препорака на УЕФА, а во согласност на двата клуба, првиот меч ќе се игра во Скопје на Националната Арена „Филип Втори“ во вторник (25 јули) со почеток во 20 часот, додека реваншот во Копенхаген на 2 август во 20 часот на стадионот „Телиа Паркен“.