Вардар навива за „Хрватска“ на ЕП

Како што е познато, Вардар ја пречекува екипата на хрватскиот шампион Динамо Загреб, на 12 јули во Скопје, во рамки на второто коло од квалификациите за Лигата на шампиони. Додека нашите фудбалери се во Австрија и работат на подготовките за наредната сезона, будно се следи Европското првенство кое е во тек во Франција. Вардарци имаат и причина зошто да го следат и да навиваат за нашите соседи Хрватите. Имено, во екипата на Динамо играат солиден број првотимци од националниот состав, што би значело дека доколку Хрватска остане во игра во наредниот натпревар против Португалија в сабота, репрезентативците ќе останат во Франција и нема да можат да му помогнат на Динамо во битакта за квалификување на елитното европско првенство.

Пет играчи на репрезентацијата играат во Динамо и тоа одличните Марко Пјаца, Марко Рог, Анте Чориќ и Гордон Шилденфелд. Секако во тимот на Динамо е и Дује Чоп, кој игра како позајмен играч за екипата на Малага. Хрватите се во одлична форма и групната фаза ја завршија на првото место во групата, пред фаворизираната Шпанија. Нивната репрезентација се наоѓа на поволна страна на „костурот“, така што доколку ја поминат Португалија, која е во очајна форма, ќе играат со победникот од натпреварот помеѓу Полска и Швајцарија. Статистиките велат дека имаат добри шанси да стигнат до полуфиналето, каде веројатно ќе го добијат првиот „сериозен“ противник.

Главен адут на Динамо е Марко Пјаца, кој имаше одличен натпревар против Шпанија. Баш врз него беше направен и сомнителниот прекршок кога не беше досуден пенал за екипата на Хрватска. Шпанската одбрана составена од едни од најзвучните светски имиња, не беа способни да го запрат и да ја спасат својата репрезентација од поразот кој беше во најава од 87-мата минута.