Европската титула на Вардар не им донесе слава само на стариот континент, туку и подалеку. Во Средна Америка има ракометен клуб со исто име и лого.

Во градот Монтереj во Мексико се појави верзија на РК Вардар од Скопје. Воодушевени од успешната македонска ракометна приказна која се рашири на 4 јуни минатата година, решиле да ја ископираат на свој начин.

Се работи за нов клуб, формиран некаде на крајот на 2017-та година, односно неколку месеци откако Вардарци славеа на финалето во Лига на шампиони против ПСЖ во Келн и се искачија на европскиот врв.

Овој Вардар од Мексико е аматерски клуб кој се натпреварува во втората регионална лига. Тие до толку се импресионирани од избраниците на Раул Гонзалес што решиле да си поиграат во фотошоп со нивните тела.

Мексиканскиот Вардар веќе се промовира на социјалните мрежи и има отворено профили на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, а таму може да се забележи фотографија од моментот кога Тимур Дибиров го крева пехарот.

Тие не кријат дека ги користат црвено-црните бои и логото на РК Вардар. Во описот на нивниот профил на Твитер го ставиле и знаменцето на Македонија.