Вандалско оштетување на седиштата во ЈСП – автобусите така изгледаат стари и дотраени

Возењето во новите комфорни двокатни автобуси би требало да е вистинско уживање, но на некои граѓани, особено на некои од помладата генерација, очигледно тоа им пречи.

Освен што непристојно се однесуваат кога влегуваат во автобус туркајќи се еден со друг и не внимавајќи дека некого ќе удрат или ќе го турнат, се почеста е сликата да си играат со држачите на столовите, да фрлаат амбалажа на подот или меѓу седиштата.

Во петокот, во двокатен автобус со број “3”, фотоапаратот на Вечер документираше вандалско оштетување на дел од задните седишта на катот. Некој патник го употребил скалпелот и го исекол тапацирот на задното седиште, а на пластичниот наслон пред него го изгравирал, претпоставуваме својот прекар. Дури и тоа не му било доволно, па “изживувањето” врз наслонот го продолжил со запалка, правејќи длабока дупка од седум-осум сантиметри, не водејќи сметка дека може да предизвика пожар во автобусот и со тоа да го загрози својот и животите на сите патници.

Во новите автобуси има уште многу знаци што ги оставаат несовесните патници. Некои досадата возејќи се во автобусот ја искажале со пишување на љубовни пораки, а наслоните за седење пред нив, им послужиле како табли за цртање на графити и други разноразни чкртаници. На други седишта, пак, им беа откорнати наслоните од своите лежишта.

Од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) велат дека со оштетувањата кои ги прават неодговорни патници, автобусите изгледаат како да се стари и дотраени.

– Сите автобуси насабајле кога излегуваат од базата во ЈСП се проверуваат. Очигледно некој ги направил оштетувањата, а возачот кој е на долниот кат и покрај камерите што се во автобусот, не го забележал вандализмот. Ние во ЈСП практикуваме автобусите да бидат чисти пред да ги пуштиме во сообраќај, но идеално секогаш не може да биде со оглед на менталитетот на некои патници – ни изјави Иле Георгиевски, директор на Секторот сообраќај во ЈСП.

Инаку, секој ден на градските и приградските линии ЈСП пушта во сообраќај по 300 автобуси дневно кои превезуваат по 150.000 патници. Ако на тоа се додадат и автобусите на приватните превозници, тогаш бројката на превезени патници достигнува до 180.000 дневно.