Вандалско оштетување на седиштата во ЈСП

Возењето во новите автобуси би требало да е вистинско уживање, но на некои граѓани, особено на некои од помладата генерација, очигледно тоа им пречи.

Освен што непристојно се однесуваат кога влегуваат во автобус туркајќи се еден со друг и не внимавајќи дека некого ќе удрат или ќе го турнат, се почеста е сликата да си играат со држачите на столовите, да фрлаат амбалажа на подот или меѓу седиштата.

Во новите автобуси има уште многу знаци што ги оставаат несовесните патници. Некои досадата возејќи се во автобусот ја искажале со пишување на љубовни пораки, а наслоните за седење пред нив, им послужиле како табли за цртање на графити и други разноразни чкртаници. На други седишта, пак, им беа откорнати наслоните од своите лежишта.

Од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) велат дека со оштетувањата кои ги прават неодговорни патници, автобусите изгледаат како да се стари и дотраени.

Инаку, секој ден на градските и приградските линии ЈСП пушта во сообраќај по 300 автобуси дневно кои превезуваат по 150.000 патници. Ако на тоа се додадат и автобусите на приватните превозници, тогаш бројката на превезени патници достигнува до 180.000 дневно.