Валидаторот прво ги троши временските билети, а потоа парите на е-картичката

Со воведувањето на системот на електронска наплата во ЈСП, постои дневен билет за комбиниран превоз со автобус и жичница во две насоки, дневен билет за комбиниран превоз со автобус, жичница и лифт на крстот на Водно, привремен билет за повеќе возења во времетраење од 90 минути, 7-дневен билет со вклучен еден билет за жичницата, како и месечни, тримесечни и шестмесечни билети и разни други дополнителни и сезонски билети.

Меѓутоа, на многумина од граѓаните им е нејасно како може валидаторот да ги препознае одделните билети, доколку на пример во текот на денот користеле од билетот за 10 возења, а вечерта сакаат да користат ноќен билет или ако се уште не им е потрошен билетот за 10 возења, а за време на викенд сакаат да искористат билет во траење од 90 минути. Многу патници купуваат комбинации од билети и ги вметнуваат во е-картичките, а доставаат и пари, кои им стојат на картичката и се трошат во случај ако истекол или се потрошил билетот за 10 возења или останатите привремени билети.

Од ЈСП за Дневник објаснуваат дека валидаторот е програмиран прво да ги препознава привремените билети, а потоа да наплаќа од електронскиот паричник.

- Kога станува збор за користење на билетот со времетраење од 90 минути, до самиот валидатор има упатство како тој се користи - појаснуваат од претпријатието.

Директор на приватното претпријатие за превоз на патници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски вели дека и во приватните автобуси функционираат сите видови билети кои се наведени во тарифниот систем, но немаат точна евиденција за тоа кој вид билет е најупотребуван.

- Ние немаме евиденција, тоа треба да го прави ЈСП. Ние добиваме извештаи за остварени полуобрти – изјави Јовановски.