Град Скопје соопшти дека инспекторите ја утврдија штетата направена со сечата на дрвја, за целите на пробивање на патот кон новата населба Сончев Град. Заштитената зона „Рупи“ беше оштетена, односно исечени беа дрвја на површина од 5 864 метри квадратни. Штетата е во висина од 853 200 денари. Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ поднесе кривична пријава против физичко лице од Министерството за внатрешни работи.

- „Од вештаците на теренот е утврдено дека при крајот на мај 2016 година во парк шумата Водно вршени се активности во заштитеното подрачје, кои не се во согласност со планските документи за заштитени подрачја, односно шума со посебна намена, во овој случај парк шума. Во парк шумата Водно, во местото викано „Рупи“ вршени се градежни земјени работи за пробивање на земјени патишта и зарамнување на одредена површина. Со извршените земјени работи зафатена е вкупна површина од околу 5.864 квадратни метри, при што е извршено копачење односно отстранување на постојната вегетација, што е во спротивност со законот за шумите и други акти донесени од Градот Скопје. При вршењето на градежните земјени работи извршено е оштетување и уништување на стебла од црн бор и стебла од разни листопадни дрвја, како и природен подмладок од црн бор со старост над 3 години“ – се вели во соопштението од Град Скопје.

Подетално, за оштетени стебла од Црн Бор, направена е штета од 403 200 денари, за оштетени листопадни дрва, штетата е 90 000 денари, а за оштетен природен подмладок од Црн Бор 360 000 денари.