Утре со велосипед на работа

Скопје се вклучува во глобалниот настан “Зимски ден за одење на работа со велосипед”.

Целта е да се поттикнат граѓаните велосипедот да го користат како превозно средства и зиме, кога температурите се ниски.

Утре на работа, во училиште или на факултет појдете со велосипед. Годинава Скопје се вклучува во глобалниот настан “Зимски ден за одење на работа со велосипед”, кој се одржува во стотина градови низ светот. Настанот, кој слави превезување со велосипед во зима, почнал во Канада пред 4 години, а во изминативе 2 години се одбележува низ светот. Целта е да се поттикнат граѓаните велосипедот да го користат како превозно средства и зиме, кога температурите се ниски.

“Треба само да се обврземе дека ќе се превезуваме на велосипед на 12 февруари до работа, до школа, до факултет, каде и да одиме, без оглед дали возиме или не возиме велосипед зиме, без оглед какви ќе бидат временските услови тој ден. Ако веќе возите велосипед во зима, охрабрете ги пријателите да пробаат, макар на ден. Кажете им дека тоа за првпат го прават и други илјадници луѓе како нив во светот”, се вели во соопштението на организаторите.

До вчера напладне, за одбележување на овој глобален настан од Македонија беа пријавени 43 скопјани и 9 битолчани.
Сите што сакаат да бидат дел од настанот може да се регистрираат на сајтот http://winterbiketoworkday.org/commit2016.