Утре Скопје ќе блесне во новогодишен сјај

Веќе од утре Скопје треба комплетно да блесне со новогодишен сјај, а украсените улици и плоштадот ќе треба да го означат почетокот на новогодишната атмосфера. Градот ќе ги долови новогодишната магија и еуфорија откако комплетно ќе ги постави украсните светилки на плоштадот „Македонија“ и централното градско подрачје заедно со новогодишната елка, пишува Нова Македонија.

И годинава ќе има украсени куќички од веќе познатата зимска населба Винтерленд, каде што скопјани ќе можат да навраќаат да се освежат или стоплат со некој пијалак, но и да си купат понекоја новогодишна дреболија или украс за својот дом. На малата сцена на плоштадот секојдневно ќе се случуваат различни настани, кои ќе го збогатат новогодишниот амбиент и ќе ги забавуваат посетителите, од најмладо до најстаро.

Новогодишното украсување на градот ќе го реализира „Линк медиа“, фирмата што ја доби отворената јавна набавка за изработка и реализација на проект за декорирање и украсување по повод Нова година. Вредноста на договорот изнесува 17.582.000 денари (со вклучен ДДВ). Во согласност со договорот, рокот да се постават светилки на плоштадот „Македонија“ и централното градско подрачје, како и новогодишна елка на плоштадот „Македонија“ е заклучно со 20.11.2019 година, а отстранувањето на светилките и елката треба да се реализира во периодот од 15 до 25.01.2020 година.