Утре почнува второто издание на фестивалот на светлината „Скопје лајт арт дистрикт“

26 врвни светлосни уметници, уметнички здруженија и театарско-сценски групи на 18 локации во Старата чаршија, покрај кејот на реката Вардар и во Градскиот парк, секој ден од утре до 1 јуни на Скопје и скопјани од 20:30 до 24:00 часот ќе им се претстават со најразлични светлосни инсталации, светлосни музичко-сценски настапи, 3Д-мапирања и останати уметнички активности поврзани со светлосната уметност.

За првпат ќе се одржи и натпревар во 3Д-мапирање, на кој 9 видеомапинг уметници од земјата и странство, ќе имаат можност секој на свој начин да претстават како ја доживуваат фасадата на една од најпрепознатливите згради во Скопје, т.н. МЦМ зграда пред самиот влез на Градскиот парк. Потоа, стручно жири од еминентни меѓународни и домашни светлосни уметници и куратори ќе го изберат и победникот, кој подоцна ќе биде награден со гран-прито на фестивалот, наградата „Златко Славенски“. Фестивалското гран-при се доделува во чест на Златко Славенски, професор на Факултетот за драмски уметности, режисер и еден од пионерите во видеомапингот на овие простори.

Во склоп на настанот, на „Школка“ во Градскиот парк ќе функционира и Chill зона, која ќе биде место за одмор, освежување и забава на посетителите и уметниците кои ќе бидат дел од SkLAD 2019.

В петок, на 31 мај, се организира и академска конференција во Даут-пашиниот амам, со име „Светлосни разговори“, на кој Бетина Пелц, уметнички куратор од Германија, Ајман Гарби, куратор и продуцент од Тунис и Александра Стратимировиќ, светлосен уметник со седиште во Шведска и уметнички директор на SkLAD 2019, ќе дискутираат за употребата на светлоста како медиум и како нов вид изразување во уметноста.

Фестивалот на светлината „Скопје лајт арт дистрикт“ е проект на ЈУ Универзална сала – Скопје, со поддршка на Град Скопје и ROCK проектот, дел од Хоризонт 2020 програмата на ЕУ за истражување и иновации. Градот Скопје, заедно со уште 9 други градови од Европа е дел од ROCK проектот, проект за културно наследство, чија цел е од историските престолнини да создаде нови одржливи еколошки, економски и општествени процеси.