Денес е голем празник - верувањата се дека одредува каква ќе биде идната година

Православните верници денес го чествуваат воведението, односно воведувањето на света Богородица како тригодишно девојче во храмот.

Според народните верувања, каков е биде денешниот ден таква ќе биде и наредната година.

Старите кажуваат: „Ако на Воведение паѓа дожд – наредната година ќе биде родна. Ако дува силен ветер – ќе биде неродна. Ако времето биде сончево и убаво – таква ќе биде и следната година“.

Празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот ни го истакнува за углед односот на праведните Јоаким и Ана, нивното исполнување на ветеното, но и нивната грижа за правилно воспитување на нивното дете. Но, овој празник и денес е актуелен со тоа што укажува на потребата родителите да се заложат за правилно воспитување на своите деца, за осознавање на вредностите на својата вера, но и за одбрана од негативните пороци коишто ја уништуваат нашата младина.

Денешниот празник Воведение на Пресвета Богородица во храмот што народот го вика Света Пречиста или само Пречиста спаѓа во поголемите есенски празници што се празнуваат и со домашни служби. Овој празник, исто така, спаѓа и во дванаесетте големи христијански празници. Се смета за женски празник и повеќе го празнуваат младите жени, особено оние што уште немаат деца.

Сведоштва за овој празник (како и за некои други моменти од животот на Богородица) се среќаваат само во црковните песни и кај некои писатели на дела со црковна содржина. Праведните Јоаким и Ана, се вели во овие сведоштва, долго немале деца. Го молеле Бога да им даде рожба ветувајќи му дека ќе му ја посветат нему, односно ќе ја дадат да му служи во храмот. Така им се родила Марија. Светото предание натаму сведочи дека бидејќи Марија била измолена со солзи и ветена да му служи на Бога нејзините родители уште кога наполнила една година сакале да ја одведат во храмот. Но се плашеле дека малото девојче може да плаче за нив, па се одлучиле тој чин да го направат кога таа ќе наполни три години. И така кога наполнила три години останувајќи доследни на ветувањето, а и исполнувајќи го долгот кон Бога ја повеле во храмот.