Усвоен буџетот за 2019 – повеќе пари за животна средина, за регионален развој, за инфраструктура

Повеќе пари за животна средина, почист воздух, регионален развој и инфраструктура ќе бидат издвоени од буџетот за 2019 година, кој Владата го усвои на денешната 109. седница.

„Во предлог-буџетот за 2019 година се направени дополнувања на буџетски износи во програмите за заштита на животната средина, со фокус на мерките за почист воздух, на локалната инфраструктура и на програмите за развој на планските региони, како и на зголемување на буџетската поддршка за работата на дел од министерствата, агенциите, управите и други органи на државната управа“, се наведува во владиното соопштение.

Соодветни интервенции по собраниската амандманска расправа за дополнителни буџетски износи се направени и за дел програмите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На денешната седница на владата се утврдени и насоките за нивелирање на платите во културата за што активностите треба да почнат од јануари 2019 година, согласно со буџетската динамика во претстојната година.

Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планираат на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5% од БДП или 17,7 милијарди денари во апсолутен износ.

Планираниот дефицит е во согласност со Фискалната стратегија на Република Македонија 2019-2021, која на денешната седница на Владата беше усвоена како информација и која заедно со конечниот дополнет предлог за буџет за 2019 година ќе се испрати на усвојување во Собранието.