Уставни судии ќе решаваат за крстот во Бутел

Наредната среда, уставни судии ќе решаваат дали треба да се спроведе постапка за испитување на одлуката на Општина Бутел за поставување на крст на кружниот тек. Како што е познато, поставувањето на крстот предизвика силни меѓуетнички тензии кои резултираа со неколкудневни нереди.

Иницијативата, до Уставниот суд ја поднесе градоначалникот на Струга, Зијадин Села. Доколку судиите се решат да поведат постапка за оценување на уставноста, големи се шансите истата да биде прогласена за неуставна. 55-метарскиот крст е донација од Светскиот македонски конгрес, но очигледно им пречи на сограѓаните Албанци, кои бурно реагираа и го блокираа местото на кое требаше да биде поставен. Одлуката за поставување на крстот е донесена како одлука за поставување на урбана опрема, уредно објавена во „Службен гласник на општина Бутел” број 2 од 23 февруари 2016 година. 

Иницијативата е поднесена во март и беше ставена на дневен ред на седница на Уставниот суд на 31 мај, но потоа беше тргната од дневниот ред. Судијата известител побара уште неколку дена за да го подготви рефератот за оваа иницијатива. 

Поставувањето на крстот во Бутел предизвика меѓуетнички тензии, бидејќи со неговото поставување не се согласи ДУИ. Партиски активисти поставија камп на местото каде требаше да се гради крстот, и организираа протести, а првиот човек на чаирскиот огранок на ДУИ и физички го нападна Тодор Петров кој е претседател на СМК. ДУИ се повлече од кампот, но крстот не продолжи да се гради иако одлуката за неговото постапување се уште е на сила.