Успешно спроведена акцијата на „Комунална хигиена“- Собрани вкупно 250 метри кубни отпад

Вкупно 250 метри кубни отпад беа собрани во текот на вчерашниот ден, во рамки на една од досега најмасовните акции за чистење диви депонии што ја организираше ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.

Акцијата има за цел подигнување на јавната свест за штетноста од несовесното постапување со отпадот. Во рамки на акцијата, во општините Аеродром, Ѓорче Петров и Бутел беа поставени посебни садови за собирање кабаст отпад каде граѓаните можеа да го исфрлат стариот мебел и отпадот од електронска и електрична опрема.

Акцијата се одвиваше во сите десет скопски општини, а на секоја од овие локации земаа учество вработените во администрацијата на претпријатието, општинската администрација, студентите од скопските универзитети, претставници од невладиниот сектор и ученици од средните и основните училишта.

Оваа иницијатива ја поддржаа и амбасадите на САД и Франција, градоначалниците на сите скопски општини, јавните претпријатија, Економскиот факултет, Универзитетот на ЈИЕ, Универзитетот Мајка Тереза и Интернационалниот балкански универзитет, Стопанската комора на РСМ, Секретаријатот за европски прашања, Европската конференција за медијација, Црвениот крст на РСМ, како и бројни невладини организации, граѓански здруженија и спортски клубови.