Успешна ракометна приказна на Вардар и Општина Кисела Вода

„Спорт за секое дете” е приказна за успешна соработка меѓу Ракометната академија Вардар и Општината Кисела Вода, која привлече над 300 деца од населбите Кисела Вода и Драчево да го одберат ракометот за свој спорт.

Идејата заеднички да се овозможат услови за воведување на спортот во секојдневието на децата, заживеа пред речиси три години, со што се создадоа и услови за континуирана соработка меѓу Вардар и Општина Кисела Вода.

Децата се дел од школата за ракомет Општина Кисела Вода Вардар, која ги ужива сите поволности коишто членството во Ракометната академија Вардар ги носи со себе. Реквизити за вежбање, доволно опрема за одржување на тренинзи, како и стотици натпревари на кои децата учествуваа во изминатите три години и добија можност да ги развијат своите ракометни вештини, да ги напреднат ракометната игра и да го засакаат ракометот. Најмладите категории, пак, тренираат мини ракомет, односно, ги совладуваат основите преку игра и забава.

Според координаторот на Ракометната академија Вардар, Марија Папуџиева, станува збор за школа со најмногу членови во рамките на Академијата, од кои повеќето активно партиципираат во настаните што ги организираме.

„Договорот со Општина Кисела Вода беше постигнат во периодот кога се основаше и Ракометната академија Вардар и по речиси три години, можеме да потврдиме дека одлуката за соработка донесе успех, што особено се докажува со масовноста на нашите тренинзи. Задоволството од тоа што успеавме спортот да го донесеме поблиску до децата, е уште поголемо кога ги гледаме тие дечиња како се внесуваат во играта и се борат за секој погодок на натпреварите кои им ги организираме. Нашата соработка не застанува тука. Дел од натпреварите на нашиот зимски турнир ‘Еден живот, една љубов’, на кој учествуваат над 1200 деца од цела Македонија, годинава се одржаа во салата ‘Архиепископ Доситеј’. Во салата играме и натпревари од Вардар Јуниор лигата, во која, пак се натпреваруваат над 600 деца”, вели Папуџиева.

Од Општината Кисела Вода велат дека целта на проектот е да се омасови вклученоста на децата во спортски активности, како и спортот да се дефинира како култура на живеење.

„Проектот ‘Спорт за секое дете’ е наменет за децата кои живеат на територијата на општината Кисела Вода и се школуваат во училиштата кои гравитираат во општината Кисела Вода. Популарноста на РК Вардар од една страна и втемелувањето на ракометот како спорт број 1 во Македонија, придонесе над 300 400 деца во моментов активно да тренираат ракомет. Целта на општината Кисела Вода е да се омасови спортот, но, со реновирањето и со поставувањето на топлотна енергија во двете спортски сали ‘Независна Македонија’ и ‘Архиепископ Доситеј’ на децата да им ги овозможи сите услови за тренинг, за натпреварување и напредок во кариерата. Вардар секојдневно со свој стручен тим се грижи во делот на одржување на квалитетен тренажен процес. Проектот досега селектира многу талентирани спортисти од Кисела Вода, но и оние кои не се селектирани продолжуваат со тренинзите бидејќи, една од целите на проектот ‘Спорт за секое дете’ е спортот да се дефинира како култура на живеење “, вели Тони Чупоски, раководител за спорт во Општината Кисела Вода.

Тренинзите за ракомет, покрај двете спортски сали ,,Независна Македонија” и ,,Архиепископ Доситеј”, се одржуваат и во салите во основните училишта „Партение Зографски”, „Климент Охридски” и „Кузман Шапкарев”.