Се дава нов рок за поднесување барања за легализација и за достава на елаборати, но имотен лист ќе можат да добијат само објектите кои се целосно изградени до 3 март 2011 година.

Измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои се продолжува рокот до кој граѓаните можат да побараат легализација на дивоградбите, влезе во Собранието на Република Македонија.

Пратениците треба да се изјаснат по предлогот на Владата да им се даде уште една шанса на граѓаните кои ги испуштиле сите досегашни рокови за поднесување барање за легализација на дивоградбата која ја поседуваат, или пак го поднеле барањето, а не доставиле геодетски елаборат.

Предвидено е за граѓаните кои досега воопшто не поднеле барање за легализација, тоа да можат да го сторат во периодот од 1 јануари до 31 декември 2018 година. За оние, пак, кои не доставиле геодетски елаборати новиот рок ќе тече од 1 јануари до 30 јуни наредната година. Но, тие ќе мора да ја почнат постапката за легализација од самиот почеток, со поднесување ново барање за легализација до надлежната општина. Инаку, последниот рок за достава на елабратите истече на 31 декември 2016 година.

– По направените консултации и анализи со граѓаните и геодетските фирми беше добиен заклучок, односно впечаток дека ниту граѓаните, ниту геодетските фирми не можеле во целост да ја завршат работата во претходно предвидениот законски рок, стои во образложението на предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Во образложението на предложените измени уште се наведува дека барањата се поднесуваат под истите услови пропишани во законот, при што сите капацитети како на единиците на локалната самоуправа, така и во Министертвото за транпсорт и врски како надлежни органи во овој процес, ќе бидат ставени во фунција на завршување на процесот на утврдување на правен статус на овие објекти.

Легализација на бесправно изградените објекти почна во 2011 година, а треба да заврши за 10 години, односно до 2021 година.

– Овој рок на важење на законот не се продолжува, односно само се воведува нов рок кој се однесува на поднесувањето на барањата, појаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

Но, со новопредложените измени на Законот нова шанса за легализација се дава само за објектите кои се целосно изградени до 3 март 2011 година, односно до денот кога прв пат почна поднесувањето на барањата за легализација. Како што се појаснува во Предлогот за измена на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, ќе можат да се легализираат само објектите на кои до тој датум во целост се завршени градежните и инсталатерските работи, па тие претставуваат градежна и функционална целина.

Новите одредби на Законот, сепак, нема да важат за сопствениците на дивоградби чие барање за легализација претходно било одбиено. 

– Овој рок не се однесува на барателите кои доставиле барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект за кои надлежниот орган донел правосилно решение за одбивање на барањето за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект поради неисполнување на условите пропишани во законот, стои во текстот на измените на законот.