Урбаниот метеж во главниот град ќе се расчисти со изградба на железнички краци околу Скопје

Урбаниот метеж во главниот град во голема мера ќе се расчисти со изградба на железнички краци околу Скопје. Ова го најави министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски на меѓународната конференција на тема “Развој на урбаната мобилност за одржлив град и град во кој квалитетно се живее” што се одржа во Скопје.

– Како една од мерките за поголема употреба на јавниот транспорт во Програмата за работа предвидовме изработка на студии за изградба на приградски железнички сообраќај. Во услови кога имаме неколкукратно зголемување на бројот на возила, кога имаме урбан сообраќаен метеж, а инфраструктура е ограничена, мора сите заеднички да најдеме решенија за унапредување на транспортната ефикасност се со цел да го подигнеме квалитетот на урбаното живеење. Токму во таа насока е ова алтернативно транспортно решение – рече Сугаревски.

Планот предвидува изградба на четири железнички краци околу Скопје. Првиот крак ќе тргнува од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Пинтија, 11 Октомври и до центарот на Скопје кој ќе биде со должина од 24,5 километри. Вториот крак ќе биде со должина од 18,7 километри и ќе стартува од Миладиновци преку Илинден, Маџари до Скопје – Патничка. Од тука ќе почне третиот крак кој ќе оди покрај Пивара, Железара, Скопје Север, Ѓорче Петров, Сарај до Радуша и ќе биде со должина од 32,6 километри. Четвртиот крак е изградба на нова пруга од Миладиновци до Аеродром Петровец во должина до 5 километри.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави повеќе проекти со чија реализација македонската метропола од град со автомобили треба да премине во велоград. Тој спомена изградба на повеќе велосипедски патеки, места за паркирање на велосипеди и непрекината нова велосипедска патека долж кејот на реката Вардар.

– Ве уверувам дека повторно ќе може да се пофалиме со непрекината нова велосипедска патека долж кејот на реката Вардар што поради градежните активности на т.н. проект “Скопје 2014” е прекината и не е во функција. Левата страна на реката Вардар планираме да добие нови содржини, велоспидски патеки, осветлување и спортски реквизити, а десната страна ќе биде целосно посветена на велосипедистите и пешаците – истакна Шилегов.

На крајот од своето обраќање, градоначалникот истакна дека со предвидените политики на градот во областа на сообраќајот, се очекува тој да се растовари, функционалноста на градот да се зголеми, а граѓаните да имаат повеќе простор за безбедно пешачење и за возење велосипед.

На конференцијата обраќање имаше и Вирве Вимпари, претставничка од Делегацијата на ЕУ во Македонија, како и професорот од Универзитетот во Лондон, Питер Џонс, кој говореше за проектот CREATE и ги сподели искуствата на некои западноевропски земји кои би му помогнале на Скопје во поглед на транспортот.

CREATE или „Congestion Reduction in Europe – Advancing Transport Efficiency“ е проект за справување со урбаниот сообраќаен метеж на патиштата и како тоа да се постигне на долгорочен период, посебно во градовите со брз пораст на употребата на автомобилите.

Главната цел на овој проект е намалување на сообраќајниот метеж во европските градови преку поттикнување промена, односно префрлање на патувањата со автомобил на патувања со одржливи видови транспорт како што се јавен транспорт, транспорт со велосипед и пешачење.