УРБАНА МИСТЕРИЈА: Тајните ходници во Скопје

Годината е 1963, пролет некаде март-април, веднаш по одминувањето на претходната зима, јас како дете од 12 години, чепкајќи во подрумот кој се наоѓаше во нивото на улицата „Маршал Тито“, а во продолжение на влезниот ходник, открив еден капак во подот скоро затрупан со некакви стари работи, меѓу кои јаглен, дрва за горење и секакви подрумски глупости.

Ние живеевме пред земјотресот на ул.„Петар Драпшин“ бр 15.

Со овие зборови, 62-годишниот Људмил Н., нашинец , кој подолго време живее во Австралија, за Телеграф ја раскажува урбаната мистерија за тајните ходници на старо Скопје.

- Стоејќи на затворениот балкон, од страната на главниот влез на куќата, која беше токму отспротива на Католичката црква, се гледаше сè дури до плоштад, а од левата страна на полукружниот балкон се гледаше на главната улица, која во тоа време се викаше „Маршал Тито“, која и сега достига со едниот крај до старата Железничка станица. Сега оваа улица се вика „Македонија“ - ни објаснува соговорникот.

Се сеќава како детското љубопитство довело до неверојатно откритие.

- Еден ден акајќи бесцелно натаму-наваму, си реков, ај да видам што има во подрумот - шупата како да ја кажам. Подрум би требало да биде под куќата, ама овој беше на ниво на влезниот ходник. Тоа беше баш во она време од годината кога целиот јаглен и дрва за горење беа потрошени, така што подрумот беше речиси празен. Кога ми светна таа идеја да копам по старите работи, којзнае што сè ми се вртело во глава - впрочем како и на секој клинец од 12 години. Но, кога го забележав капакот, ми се роди идеја дека сигурно нешто има под него.

Јас мислам дека дури ни дедо ми Трајко и нана Ната не знаеја дека тој капак постои. А за мајка ми и да не зборуваме. Јас сум се родил на улица „Никола Парапунов“, сегашна „Никола Кљусев“ во 1951 година, а на 2 години ме донеле во оваа куќа на „Петар Драпшин“, така што сме се преселиле во неа некаде во 1953 година - вели Људмил. 

Што сè му се мотало низ главата на едно момче од 12 години во тоа време, кога само книгите за научна фантастика и авантури по светот му биле главна занимација во недостиг на ТВ и компјутери?

-Е, кога собрав доволно кураж за да ја остварам мојата идеја, се обидов со едно долго парче железо кое ми се најде при рака да го подотворам капакот кој не бил мрднат сигурно од многу, многу одамна. Можеби дури и од самата изградба на куќата. Сигурно некои 60-ина години, а ако не и повеќе. Сега точно на тоа место е споменикот на Мајка Тереза - вели Људмил. 

Токму тој капак ја крие најголемата тајна на Скопје, која постои којзнае од кога. Људмил објаснува дека таа тајна е уште од турско време.

Со таа железна шипка успеав малку да го подотворам капакот, кој како да беше запечатен. Само слушнав некое шиштење како да се дупнала гума на некој велосипед. Тоа беше воздухот, кој најверојатно се изедначил со мемлата која претпоставувам владееше под капакот. Одеднаш замириса на тешка мувла и најверојатно некој земен гас излезе надвор.

Јас со тој памет во тоа време само што помислив дека е тоа нешто што сигурно било многу години затворено, ми се заврте во главата и имав само доволно сила да се тргнам на едно 2-3 метра од местото. Избегав дома тресејќи се од страв дека сум можел да настрадам, се сеќава тој. 

Додека со внимание го слушаме, си помислуваме дека можеби ова е една од легендите што треба да им се раскажуваат на туристите кои секојдневно поминуваат на улица „Македонија“ и ја посетуваат Куќата на Мајка Тереза. Приказната продолжува да тече.

Људмил вели дека го оставил подотворениот капак цел ден, со страв дека сè што има ќе излезе надвор, особено ако има некој гас што може да направи некоја штета.

- Утредента веднаш по школото отидов пак таму. Нешто не ми даваше мир да седам дома. Се надевав дека нема повеќе од тој мемлив мирис, кој стварно веќе го немаше. Успеав некако повеќе да го отворам капакот потпирајќи го со дрвени подлоги, кој на крај покажа црна темница со истиот мирис од вчера. Пак сега му ја дувнав дома мислејќи дека кога е веќе капакот отворен,најверојатно ќе има добра шанса сè да излезе надвор и да влезе доволно свеж воздух - ни раскажува Људмил за урбаната мистерија. 

За тајната, како што вели, баш никој не знаел. Размислува наглас дека можеби требало да му каже на некој постар другар, кој ќе знаел што да се прави понатаму.

(Продолжува)