„Урбан фест“ во Центар, уметници од Европа на меѓународен фестивал на живите статуи

Меѓународниот фестивал за улична уметност за живите статуи, „Урбан фест“, ќе се одржи на Сквер Јадран, во Центар, на 28-ми и 29-ти април. Светски познати артисти од Германија, Бугарија, Холандија, Португалија, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија ќе бидат дел од овој настан.

Војо Цветановски и Нора Шаќири, дел од организаторите на „Урбан фест“, посочија дека „Театроск“ групата настапува долги години ширум Европа и со фестивалот во петок и сабота, Центар ќе го доближиме на Европа.

Општина Центар застана зад овој проект и го поддржа затоа што, како што на прес конференцијата рече градоначалникот Андреј Жерновски, се работи за прекрасен проект, познат и признат во сите светски метрополи.

- На фестивалот ќе биде присутен и двократниот светски шампион во живи статуи. Ги поканувам сите центарци, сите скопјани и сите граѓани во петок и сабота да дојдат и да бидат дел од овој меѓународен фестивал - рече градоначалникот Жерновски.

Фестивалот започнува на 28-ми април, петок во 20:00 часот, на Сквер Јадран, а во сабота – фестивалот ќе трае преку целиот ден, а крајот ќе го заокружат ди-џеите Маци и Оги.

Во сабота, за време на концертот на „Летечки пекинезери“, ќе настапат и артистите од „Европски статуа проект“. Граѓаните ќе ги забавува и познатата музичка група „Фолтин“.

Урбан фест е првиот фестивал кој на македонската публика ќе и’ овозможи вакво незаборавно светско искуство. Донирање во шапките на артистите ќе биде наменето за лекување на самохраната мајка Наташа, која боледува од рак.