Управител на фирма обвинет за злоупотреба на ИПАРД програмата на ЕУ

Управител на фирма е обвинет за злоупотреба на средства од ИПАРД програмата на Европската Унија. Тој добил 250.000 евра од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за плаќање на 50% од вредноста на опрема, но тој парите ги уплаќал на фирми блиски до него, соопшти скопското обвинителство. Лицето е осомничено за Злоупотреба на службена положба и овластување и за Измама на штета на средства на Европската заедницa, а делата ги сторил во период од 2015 до 2017 година.

Обвинетиот 32-годишен штипјанец кривичното дело го извршил како управител на правното лице „Балкан еко фруит“ ДОО Свети Николе каде содружник е и правното лице „Агропионер“ ДОО Скопје управувано од државјанин на Саудиска Арабија.

„Употребувајќи средства спротивно од одобрената намена за која се добиени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, како и со искористување, пречекорување и неизвршување на своите овластувања и должности обвинетиот нанел штета на оштетеното правно лице во кое бил управител и тоа во вкупен износ од 69.825.499 денари. Обвинетиот со образложение за потреба и користење на средства од ИПАРД програмата склучил договор со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за користење на средствата за плаќање на 50% од вредноста на опрема, со што добил парични средства во износ од 14.989.596 денари. Истовремено од Стопанска Банка АД Скопје за долгорочно финансирање мултивалутна кредитна рамка подигнал парични средства во износ од 1.600.000 евра. Но, наместо согласно договорот паричните средства од ИПАРД програмата да ги трансферира на сметката на правното лице ‘Балкан еко фруит’ ДОО Свети Николе во Стопанска Банка АД Скопје согласно договорот за долгорочно финансирање заради наплата на дел од кредитот, обвинетиот без согласност на правното лице – содружник, ги трансферирал средствата на сметка на правното лице ‘Балкан еко фруит’ ДОО Свети Николе во Комерцијална Банка АД Скопје од каде средствата се уплатувани на правни лица блиски до него по различни основи во вкупен износ од 6.406.206 денари. Остатокот од паричните средства во износ од 8.583.390 денари тој ги исплатил на други правни лица за тековни фактури по разни основи“, соопштија од Обвинителството.

Обвинетиот во својство на управител, без согласност на содружникот правно лице, електронски одобрил и исплатил шест трансакции во вкупен износ од 13.720.147 денари, по што испорачувал разни материјални добра на правното лице кон други правни и физички лице во вкупен износ од 15.690.491 денар за кои изготвил само испратници и приемници без да преземе дејствија за наплата на побарувањата.

Обвинетиот исто така склучил и 36 договори за откуп на овошје и четири договори за деловно техничка соработка – заедничко производство на домати, притоа не вршејќи наплата на побарувањата и обврските од истите, со што нанел штета на правното лице во износ од 2.188.873 денари.

Во истиот период, обвинетиот без согласност на содружникот, дозволил влез и производство во просториите на фабриката „Балкан еко фруит“ ДОО на други правни лица од кои не ја наплатил закупнината, платата за вработените и останатите режиски трошоци со што нанел штета на правното лице во висина од 23.236.392 денари.