Универзална сала нема да се гради и годинава

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, вели дека нема пари ниту Градот ниту Министерството за култура за реализација на проектот за нова Универзална сала.

„Во соработка со Министерството за култура правиме обид да го рестартираме проект за реконструкција на Универзалната сала. За жал заради лошата материјална состојба и во Министерството за култура и во Градот Скопје заради плаќањето на долговите од ‘Скопје 2014’ не сме во можност да предвидиме реконструкција во буџетската 2018 година. Со министерот сме во координација во буџетите за 2019 година да одвоиме средства за реконструкција на Универзалната сала во Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.

За Универзална сала или Јавна установа Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје, како што ѝ е официјалното име, Министерството за финансии во буџетот за 2017 имаше предвидено 35 милиони денари, средства одобрени на Министерството за култура, но тие беа укинати со ребалансот на буџетот по смената на власта. Објаснувањето беше дека Министерството за култура оценило дека се работи за нереализиран проект кој не е во нивна надлежност.

Последниот проект за обнова на салата го подготви Градежниот институт Македонија.

Со последниот проект подготвен за обнова, Универзална го задржува сегашниот изглед, но од страна се додаваат неколку сали за разни намени, а паркирањето е решено на две нивоа под земјата. Бројот на седишта се зголемува за 200. Проектот го подготви Градежниот институт Македонија кој доби обврска од Град Скопје да го преработи и да го прилагоди стариот проект за обнова на салата од 2008 година на „Архангел бојс“ откако се покажа дека проектот за обнова на салата во форма на јајце е прескап.

Универзална сала е затворена за посетители од март 2015 година. Последен настан во неа беше трибината на СДСМ кога тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев побара оставки од Владата, од јавниот обвинител и од раководството на Македонската телевизија, а ја пушти и осмата бомба за изборни нерегуларности. По трибината се откорнало големо парче од таванот кое паднало врз седиштата, па од безбедносни причини салата беше затворена за посети.