На нешто помалку од два месеци пред „Си Стар“ (Sea Star) фестивалот во Умаг, „ЕГЗИТ“ тимот го открива и третиот бран изведувачи кои на 26-ти и 27-ми мај стигнуваат во комплексот Стела Марис.

На импресивната листа која ја предводат Продиџи, Фетбој Слим, Пол Калкбренер, Модстеп, Пендулум и Дубиоза Колектив, сега се придружуваат уште големи имиња на регионалната рок и панк сцена како што се Пипс Чипс и Видеоклипс, Факофболан и Ниплпипл (Nipplepeople), како и регионалните електронски магови Умек, Спилер (Spiller), Петар Дундов, Анеј Еф (Aney F) и Марина Карамарко.

 Од Словенија доаѓа техно гигантот со светски глас, Умек. Популарниот „татко“ на словенечката, но и современата електронска сцена во целиот регион, редовно настапува на најголемите фестивали како што се Тумороуленд, Авејкенингс, Тајм Варп или Електрик Дејзи Карневал. За неговата етикета „1605“ објавуваат и Марк Најт, Џои Белтрам, Адвент, како и бројни млади таленти, а неговата радио емисија „Behind The Iron Curtain“ се емитува на повеќе од 150 радио станици ширум светот. Ексклузивна журка на „Си Стар“ ќе приреди и славниот италијански диџеј и продуцент Спилер, чиј мегахит „Groovejet“, во кој прв пат на светската сцена се претстави и заносната Софи Елис-Бекстор, сѐ уште се смета за една од најважните нумери на денс музиката. Чистокрвниот диско-хаус сингл продаден е во над 2 милиони примероци, а дури стана и првата песна која е пуштена на „Ајпод“, тогаш сосема новиот производ на „Епл“! Списокот на возбудливи изведувачи го надополнува и вистинскиот доајен на хрватската сцена, Петар Дундов! Низ кариерата долга повеќе од 20 години, има објавено пет албуми и многу синглови, а настапувал и во најпрестижните светски клубови како што се Бергхаин, Фјуз, Трезор, Рекс или Саб Клаб. На „Си Стар“ доаѓа и харизматичната претставничка на новата генерација хравтски техно диџеи, Марина Карамарко, која зад себе веќе има резиденција во ценетиот клуб Санкис на Ибица, како и настапи во клубовите низ Лондон, Берлин, Париз, Сан Франциско и други водечки дестинации. Од Словенија стигнува и диџејот и продуцент Анеј Еф, основач на љубљанскиот лејбл „Innocent Music“, чие име се појавува на високите позиции на листите на „Битпорт“.
 
Поради исклучителниот интерес на публиката од цела Европа, последниот, лимитиран контингент фестивалски влезници за „Си Стар“ по цена од 2.300 денари ќе биде во продажба најдоцна до недела, 2-ри април, но и пократко доколку со актуелното темпо се распродадат претходно. Фантастичните реакции на фановите, значително го забрза планот на продажбата и во понуда оставија исклучително малку од овие влезници со 40% попуст во однос на финалната цена. Фестивалските влезници за „Си Стар“ во Македонија се продаваат преку МКтикетс и во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат).
 
„Си Стар“ Фестивалот е сместен во комплексот Стела Марис во Умаг во Хрватска. Сите фестивалски бини се наоѓаат во непосредна близина на морето, а удобните и одлично опремени сместувачки капацитети се на само 100 метри или најмногу 10 минути прошетка покрај морето до фестивалскиот простор. Кампот, апартманите, вилите и хотелите се во категории од 3 до 5 ѕвездички, а најповолното сместување може да се најде за цена од само 9,99 евра на [../../../Library/Containers/com.apple.mail/Data/Downloads/www.exittrip.org]www.exittrip.org.