Улиците во Аеродром ќе се третираат со калциум магнезиум ацетат

Градот Скопје, во сабота, во 11.30 часот, на крстосницата на булеварот „Србија“ со булеварот „Трета македонска бригада“ (кај крстот) ќе го почне третирањето на градските улици во Аеродром со средството калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.

Увид во процесот на аплицирање на ова средство ќе извршат градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

Градот Скопје ги известува граѓаните дека со овој процес ќе бидат опфатени булеварот „Трета македонска бригада“ (од крстосницата со улицата „Коста Новаковиќ“ до раскрсницата со булеварот „Србија“) и булеварот Србија (од крстосницата со булеварот „12.Македонска бригада“ до крстосницата со булеварите „Видое Смилевски Бато“ и „Јане Сандански“).

Брзината на улиците каде што ќе се аплицира средството калциум магнезиум ацетат ќе биде ограничена на 40 километри на час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците е веќе поставена и соодветна сообраќајна сигнализација.