Улицата „Индира Ганди“ ќе се реконструира

Екипи на Град Скопје, по повеќе децении ја почнаа реконструкцијата на улицата „Индира Ганди“, што е на граница меѓу општините Бутел, Чаир и навлегува во Шуто Оризари. Градежните активности ќе траат 30 дена, а вредноста на проектот е околу 16 милиони денари, при што ќе бидат реконструирани 1.100 метри.

– Целосно ќе биде реконструиран коловозот и делови од тротоарите со цел да обезбедиме добра инфраструктура. Ние сме должни како институции да обезбедиме што е можно подобра инфраструктура и да овоможиме граѓаните да ги подобрат условите на нивното живеење. Скопје заслужува многу подобра инфраструктура од таа што ја затекнав кога дојдов на функцијата градоначалник. На тоа постојано ќе работиме и ќе го подобриме зошто скопјани заслужуваат многу повисоки стандарди за живеење од оние што ги имаа досега – изјави скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Одговарајќи на новинарски прашања за депонијата „Дрисла“, Шилегов потсети на одлуките што ги донесе градскиот Совет и додаде оти таа е вратена во сопственост на Градот.

– Сега треба да бидат спроведени правните постапки и во август да се избере Управниот одбор и новиот директор и да воспоставиме целосна контрола на тој капацитет – изјави Шилегов.