УКИМ одбележа 68 години од своето основање

 Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска одбележа 68 години од своето основање и Денот на светите Кирил и Методиј – 24 мај. По тој повод во универзитетскиот кампус во Скопје се одржа молебен посветен на светитите браќа Кирил и Методиј, научна дебата на тема „Импакт-фактор:да или не?“, а вечер во Македонската опера и балет ќе се одржи свечена акдемија. 

Научната дебата ја отвори ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, кој истакна дека научно-истражувачката дејност претставува главен белег и развоен фактор, не само за Универзитетот, туку и за општеството во целина. 

– Имаме тенденција науката да ја поврземе со универзитетот, државата и стопанството. На науката ќе и го дадеме вистинското место и да изведеме најмногу од неа, да ја извлечеме најдобрата работа во полза на државата, рече Јанкуловски. Додаде дека соработката во науката е многу важен сегмент кој го води општеството напред. 

Проректорот за наука проф. д-р Владимир Петрушевски смета дека оваа тема со години е актуелна и додаде оти списанијата со импакт-фактор се најпрестижните. Појасни дека дебатата е за тоа како наставниците на универзитетот гледаат на објавувањето трудови во престижни списанија.

– Да или не. Ако да, кои се предусловите. Императив е да се публицира во највисоко рангираните списанија. Треба финансии, опрема, литература, млад кадар… Објавувањето зависи од струката. Не е исто дали студирате медицина или географија. Не е исто дали сте математичар или историчар на стар век, истакна Петрушевски. Додаде дека за да се работи сериозно потребни се финансии.

Тој потсети дека за оваа тема веќе го кажале своето милсење. – Тоа не треба да биде законски услов и не треба државата да се меша во автономијата. Ова се регулира со актите на Универзитетот, рече Петрушевски.

Проф. д-р Мирјана Кочова од Медицинскиот факултет во Скопје потсети дека импакт-факторот води кон меѓународна препознатливост, дава можност за меѓународна комуникација, поголема цитираност, односно експонираност на нашите истражувања, можност за вклучување во меѓународни проекти и придонес за подобро рангирање на факултетот и УКИМ.

Еден млад истражувач за да се впушти во науката, како што рече, мора да е рано ориентиран кон неа, да се обучува за научно-истражувачките методи, да одбере значајни институции во кои тоа може да го спроведе и да најде соодветен истражувачки тим кој ќе поддржи неговото истражување. Мора да има интерес и пасија за истражување.

Според неа, проблемот е институционален или е кај авторите.

– Авторите доцна се впуштаат во научно-истражувачката работа. Лекарите се преоптоварени со сите нивни задолженија, а лабораториите се недоволно опремени за истражувања. Најчесто се опремени со рутински инструментариум и има недоволна соработка меѓу институциите. Приемот на кадар мора да биде високо селектиран, потенцира Кочова.