УЈП воведува нова давачка за граѓаните

Физичките лица кои оствариле приход на еден милион денари да се регистрираат како ДДВ обврзници е новата обврска која ја наметна Управата за јавни приходи. Според законот секој оној кој нема да го направи му следува казна која и не е баш мала и изнесува од 250 до 375 евра.

Во образложенијата кои се објавени на сајтот на УЈП стои дека даночни обврзници се правни и физички лица кои вршат стопанска дејност.

 – „Во вкупниот промет за регистрација за целите на ДДВ влегуваат приходите остварени врз основа на вршење стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и слично.“ – се вели во соопштението на Управа за јавни приходи.

 За да стане појасно за што станува збор секој оној кој заработил во 2017-та година над 16.200 евра е должен да се регистрира и како ДДВ обврзник. На тој начин за секој остварен приход каде е исклучен персоналниот данк на доход ќе се плаќа и ДДВ од 18 или од 5 проценти. Рокот за регистрација истече пред четири дена односно на 15-ти јануари така да за очекување е да пристигнат и првите казни врз основа на овој закон.