УЈП од наредната година ќе има увид во приливите на сметките на граѓаните

Ќе се загрози ли приватноста на граѓаните со тоа што Управата за јавни приходи од наредната година автоматски ќе ги добива податоците за сите приливи на сметките на граѓаните?

Од УЈП велат дека се подготвени за имплементација на новите законски решенија.Пристапот до приливите на сметките на граѓаните им е потребен за подготовка на Годишната даночна пријава, која од наредната година ќе ја изработува Управата за сите граѓани, а тие ќе треба да ја потврдат или корегираат.

„Носителите на платен промет се должни да доставуваат до Управата за јавни приходи податоци за приливи на средства на сметки на физички лица, а на писмено барање согласно и постоечкиот Закон за управата за јавни приходи, носителите на платен промет се должни во секое време да достават податоци согласно барањето. Управата за јавни приходи податоците ги користи исклучиво за даночни цели.- велат од УЈП.

Од Министерството за финансии велат дека личните податоци на граѓаните ќе бидат максимално заштитени. Тврдат дека и законот за банки и законот за УЈП се усогасени со Дирекцијата за заштита на личните податоци. Од Дирекцијата пак за заштита на личните податоци не знаат дали нивните забелешки се внесени во конечните решенија на законите, бидејќи не ја добиле конечната верзија на текстот на Законот.

Со измените нема да се даночат дознаките, односно парите кои роднини и пријатели ги праќаат на своите најблиски, иако УЈП и нив ќе ги гледа. Но, граѓаните кои имале приходи од странство од авторски договори, хонорари за кои и до сега требало да платат данок, не ќе можат да го избегнат, бидејќи парите на сметка ќе ги гледа и УЈП.