УХМР со предупредување: Наредната недела обилни врнежи од дожд и снег

Под влијание на влажен и студен воздушен бран од понеделник ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни.

Во понеделник попладне во источните и југоисточните делови врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Во текот на денот ќе дува слаб до умерен јужен ветер, а кон крајот на денот и ноќта ќе го промени правецот во северен. Во вечерните и ноќните часови на високите планини на север врнежите ќе поминуваат во снег. Врнежите ќе продолжат и во вторник, на повисоките планини во северозападните делови ќе има повремени врнежи од снег.

Ќе дува и засилен северен ветер, кои ќе предизвика значително намалување на дневната температура на воздухот која ќе се движи во интервалот од 8 до 15 степени.Во средa ќе преовладува променливо облачно и студено време со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува на повеќе места засилен северен ветер.