Угостителите се „за“ а лекарите против измените на Законот за заштита од пушење

Угостителите се за, а лекарите против Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето кој е поднесен по скратена постапка.

На јавната расправа што денеска се одржа во Собранието едните бараа баланс во законот со што ќе бидат задоволни и пушачите, а другите сметаат дека предлогот е чекор назад во напорите да се намали пушењето кај населението. 

Од здруженијата за респираторни заболувања посочија дека 15 различни болести и десет видови канцер се поврзуваат со пушењето  и дека лекувањето на пациентите е поголем товар за буџетот отколку превенцијата. Укажаа на опасноста од терцијарното пасивно пушење односно дека подеднакво штетни се и честичките од чадот на нивната облека додека поминуваат во просторија каде што се пуши. 

Кардиологот Јорго Костов рече дека законот не треба да се либерализа, туку да се надгради за целосно одвикнување од пушење.

Угостителите што учествуваа на расправата рекоа дека предлогот се однесува само за период од четири месеци во кои влијаат временските услови и кога законот, според нив, се спроведува селективно од страна на инспекциите.  Некои од нив кажаа дека се чувствуваат виновни пред докторската фела и дека не се тие што  создаваат услови за пушење, туку дека треба да се работи на превентивата и да се смени свеста кај луѓето, а законот да биде балансиран - и за пушачите, и за непушачите.