Угостителите нема да ги користат мерките на Владата, работници се отпуштаат оти немаат приходи

Трудовиот инспекторат апелира до работниците да не потпишуваат отказни решенија, додека пак од угостителскиот сектор велат дека освен откази друго решение немаат во ситуацијава

Илјадници угостителски објекти кои се дел од туристичко-угостителската комора нема да ги користат мерките на Владата бидејќи не можат да издржат дополнително задолжување. Денеска информираа дека се отпуштаат работници бидејќи не можат да исплатат ниту плата за март. Тие велат дека се сектор кој беше прв на удар, а и последни ќе почнат со работа кога ќе се надмине ситуацијата.

„Субјектите кои ги застапуваме нема да ги користат мерките на Владата, средствата нека ги пренаменат директно кон сите оние кои остануваат без работа или во сектори во кои мислат дека ќе постигнат ефект. Со овие мерки ние не можеме да ги намалиме трошоците кои секојдневно се генерираат, ниту да ги задржиме вработените. Сега ќе дозволиме државата да се погрижи за нив“, велат од туристичко-угостителската комора.

Тие велат дека по анализирањето на мерките кои им се понудени не можат да се погрижат за работниците и велат дека околу 60 отсто од вработените веќе се одјавени. Според нив, 80 отсто од угостителските објекти не можат да исплатат плата ниту за март.

Во однос на апелите од надлежните институции до работниците да не потпишуваат откази, угостителите велат дека отказите ги даваат поради неможност да се справат со ситуацијата, а не затоа што сакаат да ги избркаат работниците.

„Сè што ни е понудено од Владата досега е во вид на заем, а со тоа не може да покриеме ниту плата ниту кредити, во и онака задолжен сектор. Ако не ги спасиме фирмите, овие работници нема да има каде да работат. Сите сакаме да си ги задржиме вработените, но немаме приход“, велат тие.