УЕФА потврди: Еве кога ќе бидат пуштени билетите за Суперкупот во Скопје

Европската куќа на фудбалот, УЕФА, најави дека подетални информации за Суперкуп-дуелот кој оваа година ќе се игра во Скопје ќе има во средината на јуни.

Љубителите на фудбалот во Македонија се нетрпеливи и едвај чекаат на цените на златното парче хартија за спектаклот меѓу победникот во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа, а од УЕФА во допис до Gol.mk најавија дека повеќе информации за билетите ќе има во средината на јуни. 

Суперкупот во Скопје ќе биде најтрактивниот фудбалски настан досега во нашата земја. Од Лигата на шампионите во македонската метропола ќе пристигне шпанскиот гигант Реал Мадрид или италијанскиот великан Јувентус, додека од Лигата на Европа се очекува во Скопје да пристигне најтрофејниот англиски клуб Манчeстер Јунајтед, кој во финалето се соочува со младиот Ајакс.