Училишното ѕвонче одекна во школските дворови низ Карпош - Младите карпошани ја стартуваа новата учебна година

Рано утринава, звуците на училишното ѕвонче весело одекнаа во школските дворови низ Карпош и ги повикаа основците да дојдат на првиот училишен час, годинава. Кон школските клупи се упатија и љубопитните првачиња, кои за првпат ќе се запознаат со тајните на знаењето.  

По тој повод, денеска учениците од ООУ „Петар Поп Арсов“, со свечена приредба, многу музика и театарски перформанс, ги пречекаа најмалите соученици.

На оваа манифестација присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода на основците им посака среќен почеток на новата учебна година.

-Ви посакувам да се стекнете со многу нови знаења и токму од нашите училишта да излезат новите академици, нобеловци и угледни граѓани на Република Македонија. Мене ми е особено драго, што локалната самоуправа токму за ова училиште обезбеди посебни дидактички средства и најсовремена компјутерска технологија, што значи дека, ова е првото училиште на наша територија која спроведува настава по најсовремените образовни методи, истакна градоначалникот Јакимовски.

Првиот човек на Општината, посочи дека целта на локалната самоуправа е во нејзините училиштата да учат само основците кои се жители на Општина Карпош и апелираше до родителите  да имаат поголема доверба во наставниот кадар, кој е подготвен да ги „вооружи“ учениците со темелно знаење од областа на образованието и спортот.

-Општина Карпош продолжува со поддршката на учениците. Тоа значи дека основците од прво до петто одделение ќе добиваат бесплатни ужинки, а сите ученици ќе посетуваат бесплатни еднодневни екскурзии. Тоа е нашата поддршка од страна на локалната самоуправа кон семејниот буџет на родителите, со што се обидуваме да го изедначиме стандардот кај сите ученици. Покрај наградите и стипендиите кои ги добиваат основците, ова е уште еден дополнителен стимул, тие вредно и истрајно да учат и да се изградат во комплетни личности, додаде Јакимовски.

Локалната самоуправа им приреди пријатно изненадување на првачињата, доделувајќи им информативно-едукативни боенки, кои за нив ги изработи одделението за образование од Општина Карпош. Основците на, како што велат тие – пријателот на сите дечиња, градоначалникот Стевчо Јакимовски, му доделија благодарница за вложениот труд и несебичната помош за унапредување на наставно-образовниот процес.