Учесниците во сообраќајот мора да ги почитуваат правилата – еве колку изнесуваат казните

Учесниците во сообраќајот се должни да постапуваат во согласност со прописите за правилата на сообраќајот, со сообраќајните знаци поставени на патот и со знаците и наредбите што ги даваат полициски службеници.

Сите мора да бидат максимално одговорни и внимателни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да ја прилагодат брзината спрема ограничувањата и условите на патот.

Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, посебно потенцираат да се внимава на брзото возење, алкохолот, заморот, несоодветното растојание, неправилното престигнување, лошиот правец на движење и на технички неисправни возила, кои честопати се кобни и пресудни во сообраќајните незгоди.

Оттаму потсетуваат на високите глоби за секој сообраќаен прекршок, а во законот се наведени секој поодделно.

Законските норми предвидуваат глоба од 15 евра за возачот кој ќе ја злоупотреби автомобилската сирена. Имено, возачот е должен да засвири за предупредување, но не смее да го повторува неколку пати.

Сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите. Во овој случај предвидена е глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност.

Во сообраќај на пат, дење и ноќе, за време на управување со возилото, возачот на возилото задолжително треба да ги има запалено најмалку соборените светла за осветлување на патот, во спротивно предвидена е глоба од 15 евра дење, 35 евра ноќе во денарска противвредност.

Возачот е должен да го управува возилото на оддалеченост од другите возила што учествуваат во сообраќајот, при што со таа оддалеченост од другите возила не предизвикува опасност и не ги попречува другите возачи. Во спротивно е предвидена глоба во износ од35 евра во денарска противвредност.

Законот предвидува казни и за несовесните велосипедисти. Имено, тие се должни да се движат што поблиску до десниот раб на коловозот, или по велосипедска патека, па доколку не се придржуваат до ова правило, можат да бидат казнети со глоба од 50 евра.

Иста казна ќе заработа и лицата кои се превезуваат со велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл кои не носат заштитен шлем на главата.
Казна од 30 евра ќе плати и пешакот кој преминува преку коловозот на место каде што не постои обележан пешачки премин.

Глоба од 35 евра ќе плати возач кој превезува дете помало од пет години без посебно детско седиште кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин.