Учениците во Чаир ќе ја започнат новата учебна година во училиште кое ќе има нов кров

Со грант средства преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП извршена е реконструкција на кровот на основното училиште „Рајко Жинзифов“ во општина Чаир, во кое учат над 1.400 ученици. Денеска заменик министерката за финансии Ширет Елези и градоначалникот Висар Ганиу го посетија училиштето.

Грантот е во висина од 3 милиони денари, а исто толку кофинансира и општината. Овој грант и е доделен на општината од страна на Светска банка, преку МСИП поради успешно спроведување на три други подпроекти преку истиот проект, односно реновирање на две градинки и училиште во општината со кој им се обезбедени подобри услови за образование на над 2.000 деца.

– Учениците на ова училиште ќе ја започнат новата учебна година во училиште кое ќе има нов кров, без азбести цементни блокови, кои не се добри по здравјето. Истовремено, ќе се подобри енергетската ефикасност на училиштето и се очекува сметките за енергија во просек да се намалат за околу 30% – рече заменик  министерската за финансии Ширет Елези.

Градоначалникот на општина Чаир истакна дека преку заеднички ангажман ќе се овозможат подобри услови за поквалитетен образовен процес на местата на знаењето каде се подготвува идна здрава генерација.