Учениците и од септември ќе останат дома?

Учебната 2019/2020 година ќе заврши со онлајн-настава согласно со одлуката на Владата учениците да не се враќаат во клупите до 10 јуни. Од затворањето на училиштата и факултетите на 11 март, предизвикот беше како да продолжи наставата од далечина и да ја замени формалната и во овие речиси три месеци учениците и наставниците се приспособуваа за е-учење. За образованието јуни е месец на испити и уписи. Државна матура за оваа генерација ќе нема, но претстои јунската испитна сесија за студентите и уписи за идните средношколци за кои роковите нема да се менуваат.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми е задоволен од преземените мерки со кои се овозможи непрекината настава во услови на пандемија, кои беа и правно регулирани со донесените уредби со законска сила. Во интервју за МИА Адеми вели дека се максимално посветени и се разговара за прашања како би постапиле ако се соочиме со исти или полоши околности од септември, на почетокот на наредната учебна година.

Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.