Убавината на сегашниот момент...

Колку време поминуваме размислувајќи за деновите коишто си заминале? Деновите кои нѐ умориле, кои нѐ скршиле и нѐ развеале на различни страни. Наместо да се собереме себеси и повторно да се составиме, се фокусираме на она што нѐ уништило, хранејќи и потпалувајќи лутина која со тоа само дополнително се разгорува.

Колку време поминуваме во смислување на различни сценарија околу тоа што што би било кога би било? Но, она што е направено е направено. Она што се случило се случило. Така сме запишале уште една лекција во книгата на животот, која може да нѐ научи да уживаме во сегашниот момент.

Но, сепак, колку време поминуваме размислувајќи за иднината? За иднината која никој не може да ни ја гарантира. За иднината која е толку неизвесна. Но, токму во тоа е и нејзината магија. Магијата е во патот кој го поминуваме додека се движиме кон таа иднина. Размислуваме за тоа што ќе направиме, колку ќе заработиме или што ќе се случи кога ќе бидеме стари, кога децата ќе ни пораснат, кога ќе отидеме во пензија...

Си ја имаме замислено цела иднина, а не сме ни сигурни дали воопшто ќе ја доживееме. Си ги имаме замислено деновите кои допрво ќе доаѓаат (ако воопшто и дојдат).

И што со тоа што сме цело време заробени во дневно сонување, лутина за минатото или планови за иднината? Го пропуштаме она што е навистина сигурно: сегашниот момент. Ја пропуштаме сегашноста и целата нејзината убавина и големина. Сме се врзале за минати денови, луѓе кои повеќе не се тука, завршени љубови, минати рани или пак се врзуваме за планови и цели кои се толку далеку и сѐ тоа под изговор дека тоа го правиме за да знаеме што да правиме денес.

Времето кое сега го имаме е единственото време кое ни е сигурно и кое никој не може да ни го одземе. Времето во коешто сега, токму во овој момент, сме предани самите на себе, на другите е она што е важно. Тоа е време на кое се препуштаме, кое го впиваме и на кое целосно сме му посветени.

Откако постои светот, ние никако не си даваме зелено светло и потврда дека е океј да живееш во сегашниот момент и тоа да ти носи среќа. Работите нема да се променат поради тоа што медитирате или се молите. Да, тоа се одлични алатки кои носат одлични увиди. Но, ако и понатаму размислувате за минатото, иднината или некои други неважни работи, тогаш залудни се сите тие медитации и молитви.

Да ги тргнеме предрасудите, мислењата кои ја хранат нашата нарцисоидност и за кои мислиме дека се најточни на светов. Да се ослободиме од етикети, стигми, догми кои водат кон поголема ограниченост, а тоа секогаш води кон поголема заробеност во минатото и зависност од неизвесната иднина. Да се обидеме да бидеме свесни за сѐ она што нѐ опкружува во овој момент, без оглед на тоа дали се работи само за ветерот, сонцето или некаков звук кој нѐ прави среќни. Верувајте ми, ако доволно му се посветите на моментот во којшто се наоѓате, ќе го чуете и звукот на птицата која лета.

Ќе го слушнеме и возот кој со голема брзина минува некаде во далечината, ќе го чуеме лаењето на кучето на соседите, ќе го чуеме детскиот џагор кој доаѓа од игралиштата. И она што е најважно: Ќе се чуеме себеси, своите отчукувања, љубовта со која сме родени и која во убавината на сегашниот момент посакува да го прегрне целиот свет, штитејќи го од страдањата од минатото и стравот од иднината.

Во таква сегашност ќе се сакаме себеси, ќе бидеме предани пријатели, љубовници, родители, деца, работници. Ќе бидеме она за коешто сме и создадени. Ќе бидеме она што сме, а тоа е љубов. Сѐ останато се само темни или светли нијанси на т.н. живот за кој самите себеси се уверуваме дека ни носи радост. Не, ни носи привид на радост. Да се ослободиме од сите тие наслаги кои нѐ заробиле. Да се пробиеме низ нив и да живееме за сегашност. Од неа почнува сѐ!