„Тврдокорните“ со протест против двојазичноста: Запалено знамето на ЕУ во центарот на Скопје

Близу 530 луѓе досега се потпишани на петицијата против двојазичноста и против промената на името, на протестот што се случува пред Собранието. Со транспаренти и патриотски песни, се собираат поддржувачи на протесот а сообраќајот на бул 11 октомври е сопрен и бројот на поддржувачите се зголемува.

Организатори на протестот се Македонски обединети сили (МОС), Македонско патриотско здружение „Тврдокорни“ заедно со уште неколку здруженија кои сметаат дека со двојазичноста се губи македонскиот карактер на државата, се губи и самата држава која дефакто станува трета албанска држава на Балканот.

Здруженијата прашуваат која е причината албанскиот да биде службен јазик во Гевгелија, Валандово, Струмица, Кочани, Штип, Радовиш, Берово, Крива Паланка, а замеруваат и за тоа што власта која ветуваше дебати за се, сега ја суспендира демократијата туркајќи го законот со европско знаменце.

Организаторите се залагаат за реципроцитет со Албанија и нагласуваат дека Македонците во оваа држава имаат право да зборуваат на мајчин јазик. Здруженија јавно прашаа зошто македонскиот денар да биде напишан на албански, а да не биде и спротивното, албанскиот лек да биде напишан на македонски.

Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ и Македонски обединети сили (МОС)  пред Собранието на Република Македонија го запалија знамето на ЕУ. Во моментот кога Љубиша Настовски, претседател на МОС од импровизираната бина во паркот „Жена – борец“ го одјавуваше протестот, група млади луѓе кои тој ги нарекуваше јунаци на булеварот „11 Октомври“ го запалија знамето на ЕУ.