TV Compound за „Филип Втори“

Најголемиот фудбалски стадион во државава ќе добие простор специјализиран за ТВ-возила и вршење на директни преноси. 

На кејот на Вардар, веднаш позади терените кои ги користи ФК„Вардар“ ќе биде изграден комплекс наменет за сместување на ТВ-возила и опрема потребна за вршење на преноси во живо. Комплексот ќе се протега на  3 000 метри квадратни. Местото ќе биде и со практична намена во деновите кога нема да има натпревар, односно нема да има присутни ТВ-возила и опрема. 

Ваквов комплекс е неопходен доколку националната Арена „Филип Втори“ сака да го задржи статусот на врвен спортски објект. Арената беше неколку пати прогласувана за најдобар спортски објект на Балканот. Во моментов се работи и на надворешната стаклена фасада, а предвидени се и низа други дополнителни градежни активности кои ќе го комплетираат изгледот на нашиот најголем фудбалски храм. Градежните активности поврзани со ТВ-комплексот ќе ги изведува струмички „Жикол“, за период од 90 дена. 

Со ова, арената ќе биде подготвена да го пречека финалето на Суперкупот на УЕФА, каде ќе се сретнат двете најуспешние екипи во европските натпреварувања. Финалето на кое Скопје е домаќин ќе се одржи во август наредната година.