Турскиот уметник за стакло атракција на Скопскиот саем за туризам

Скопје травел маркет 2017 е најдобрата дестинација за сите оние кои сакаат да патуваат и да прошетаат низ интересни дестинации низ светот. Токму затоа пред самиот старт на летната сезона туристичките агенции од земјава и странство на едно место нудат атрактивни понуди за сечиј џеб.

Годинава главна атракција на саемот е штандот на Советништвото за Култура при Амбасадата на Република Турција во Македонија, каде покрај туристичките понуди поситителите можат да се запознаат во уникатниот уметник од Турција, Феридун Пекеш.

Уметникот на штандот пред посетителите изработува најразлични фигури и облици од стакло, кои што уникатно ги украсува. Како што посочи Пекеш во неговата работа користи ориентални елементи, кои датираат од периодот на Отоманската империја.

-Се работи за семеен бизнис што го работам од мали години. Веќе 26 години правам од стакло интересни фитури, привезоци за накит кои ги продавам и така заработувам. Ми се случило со оваа стара уметност дневно да направам и по 400 фигури - вели Пекеш за Вечер и додава дека драго му е што може да се промовира и во Македонија на меѓународниот саем за туризам.