„Тумба Маџари“ со слаба посетеност

Локалитетот „Тумба Маџари“ каде се наоѓа неолитското село, кое сведочи за цивилизацијата на овие простори уште пред повеќе од 4 000 години, не е особено интересна дестинација за туристите. На ова место во 1981 година откриена е познатата статуетка Голема Мајка и целата приказна околу неа го прави ова место специфично и многу важно за нашата археологија и историја. 

Понудата на локалитетот кој е во рамки на Археолошкиот музеј на Македонија, е голема, особено ако се земат в предвид големите вложувања кои се направени во последно време. Сепак, многу е мал бројот на посетители, кои во главно се ученици. „Тумба Маџари“ се наоѓа во скопската населба Ченто, веднаш до СОС Детското село, што значи дека е извонредно лесно пристапно од било кој дел од градот.

За локалитетот се знае од 1978 година, а голем дел и понатаму не е испитан бидејќи се наоѓа под куќи изградени претходно, кога сеуште не било познато дека на тоа место има археолошко наоѓалиште кое датира од неолитот. За промоција на местото, засега се грижи Општина Гази Баба, но тоа очигледно не е доволно. За почеток, мора да се реши проблемот што во музејот нема водич, а и туристичките агенции го имаат изоставено од понудата. Во прво време, планирано е отворање на едукативна училница, центар за едукација во кој на посетителите ќе може да им се одржат предавања на теми поврзани со локалитетот, ќе може да се гледаат документарни филмови и ред други активности од кои се очекува местото да заживее. Училницата би требало да биде пуштена во употреба годинава.