Тринаесет невладини организации против ДДВ за физичките лица

Тринаесет невладини организации преку задничко соопштение реагираат до надлежните институции во врска со оданочувањето на физичките лица со ДДВ во рамки на постојаната регулатива, кое, според нив, е проблематично од неколку аспекти.

Станува збор за Центарот за економски анализи, Finance Think, Центарот за даночна политика, „Транспаренси Интернешнл“ – Македонија, Евротинк, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Фондација отворено општество Македонија, Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Институтот за европска политика, Институтот за комуникациски студии, Институтот за општествени и хуманистички науки, Analysis and advisory group и Центарот за управување со промени.

Во соопштението овие организации наведуваат дека истото е во функција на подобрување на владеењето на правото, зајакнување на правната сигурност и подобрувањето на услугите од страна на јавниот сектор.

Организациите како прв проблематичен аспект ја наведуваат нејасната законска дефиниција на самостојна стопанска дејност на физички лица, при што наведуваат дека законот за ДДВ, ниту кој било друг закон, не дефинира што претставува самостојна стопанска дејност на физички лица.

„За некои дејности е многу јасно, затоа што нив ги регулира Законот за трговска дејност, најчесто како трговец поединец. За низа други дејности, не може да се каже дека се стопански дејности (на пример, научна или уметничка дејност), освен ако законодавецот не одлучи тие експлицитно да ги наведе како самостојна стопанска дејност на физички лица во Законот, или во подзаконски акт“, стои во соопштението во кое се додава дека до регулирањето на сите отворени прашања, спроведувањето на Законот за ДДВ и внесувањето на физичките лица во системот на ДДВ е неможно бидејќи ќе генерира незадоволство и можност за зголемена даночна евазија.

За овие организации е спорно и тоа што даночните власти, како што велат, прилично арбитрарно имаат намера да го спроведуваат Законот за ДДВ без да ги земат предвид сите аспекти кои ги бара самиот Закон за ДДВ. Ваквата арбитрарност, според нив, внесува несигурност и можност за толкување на една крајност, а тоа е дека секој примен доход (освен тој од плата) подлежи на оданочување со ДДВ.

Исто така оттаму додаваат дека авторските договори, по дефиниција, не може да подлежат на ДДВ. „Со авторските договори се регулираат приходи од научни, уметнички, образовни, културни и слични дела. Кај авторските договори нема промет бидејќи не се врши пренос на авторското право кое претставува дефиниција за промет согласно постојниот закон за ДДВ“, се наведува во соопштението. Покрај тоа се потенцира и дека согласно постојниот закон за ДДВ, еден од условите за ДДВ регистрација е и континуиран промет.

„Во сите случаи, освен кај договорите за закуп, ова барање на законот не е исполнето. Договорите за дело, авторските договори и останатите консултантски договори за физичкото лице немаат континуитет како кај правен субјект регистриран за објавување на одредена дејност со цел остварување на профит. Тие договори кај физичките лица можат да имаат и еднократен ефект само во одредена година или период од годината“, сметаат организациите.

Како што нагласуваат оттаму, примена на ДДВ за физички лица во услови на неусогласени правни решенија во голем број закони ќе доведе до компромитација на системот на ДДВ и на владеење на правото, правната сигурност и правичноста. Додаваат и дека неусогласеноста и нејасноста на одредбата од Законот за ДДВ што се однесува на физичките лица со бројни закони кои се усвоени во меѓувреме вклучително и Законот за работни односи и Законот за трговски друштва, ќе предизвика нејаснотии и арбитрарност во нивната примена.

На крајот од соопштението, невладините организации наведуваат и низа предлози за појасна законска ДДВ регулатива меѓу кои се и јавна дебата за потребата физичките лица да влезат во системот на ДДВ со објаснување односно едуцирање зошто е тоа потребно,  повлекување на УЈП од арбитрарното толкување на Законот за ДДВ, јасно разделување на авторските договори кои се надвор од опфатот на ДДВ, надградување на регистарот на физички лица обврзници на ДДВ, како и транспаренто и инклузивно носење на дополнувањата на Законот.