Тринаесет градинки го прифатија проектот за втора смена

Тринаесет градинки го прифатија проектот за работа во втора смена и имаме 20 градинки што работат секоја прва сабота во месецот и мислам дека ефектите се постигнати, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Прашана како се одвива проектот за втора смена во градинките што од 1 септември стартуваше во Македонија, Царовска рече дека тоа е одлука на Влада и досега нема слушнато дека има општина каде родителите бараат, а општините не отвораат втора смена.

- Ги поттикнувам сите градини кои што имаат навистина родители кои имаат потреба од работа на градинката втора смена тоа да се спроведе и да имаме точна бројка. Таму каде што има потреба има втора смена, каде што нема потреба, нема втора смена. Не е тоа притисок, но важно е институциите да сфатат дека работат во интерес на граѓаните. Ако се јавила потреба, таа треба да се изреализира, изјави Царовска.

Посочи дека имаше и промена на градоначалници во најголем дел од општините, па сега ако претходно се правела бариера свесно да не се отвори втора смена заради политички цели, тоа е релаксирано.

Прашана дали имало поплаки за дополнителни трошоци со воведувањето на мерката, Царовска рече, дека градинките се финансираат со блок дотации и секој што отворил втора смена во 2018 година ќе добие согласно пресметката повеќе финансиски средства.

- Исто така ќе имаме и вработувања во 2018 година со цел да се олесни работењето и функционирањето. Недостигаат 2.600 вработени во тој сектор, затоа предвидуваме и вработувања и блок дотации, секој што отворил втора смена ќе има можност да добие блок дотација за истото, изјави Царовска.