Тридневна бесплатна музичка забава во МКЦ

Британскиот совет и Младинскиот културен центар го најавуваат продолжението на фестивалот PlayUK, кој ќе почне в петок, 2 ноември, во 17:.30 чaсот, со панел-дискусија на тема „Уметност – четврта индустриска револуција“, на која гостуваат водечкиот стручњак во одделението за развој во Би-би-си, Јан Форестер, Сајмон Вилкинсон, куратор и дигитален артист, и Никола Узуновски, уметник.

Воедно, свечено ќе биде отворена интерактивна дигитална изложба, на која ќе бидат претставени најновите и најголеми достигнувања во полето на ВР и АР-инсталации, видеоигри, мобилни апликации и друго, која докажува дека видеоигрите, дефинитивно, свое место наоѓаат покрај другите уметности и дека нивниот потенцијал е динамичен и извонредно потентен.

Дел од програмата во Скопје ќе биде и работилницата „Дневна соба од иднината“, чиј домаќин е FACT, а ја истражува иднината на радиодифузијата. Десетина креативци од дигиталните медиуми и експерти од Западен Балкан ќе бидат поканети да престојуваат во Скопје и да учествуваат во програмата.

Важен сегмент од фестивалот PlayUK Arcadia е внимателно селектираната музичка програма, која ќе биде целосно бесплатна во текот на целиот викенд. Дури 12 имиња од македонската и светската клупска сцена ќе настапат во МКЦ од 2 до 4 ноември 2018 година.

В петок, од 19 часот, ќе настапат талентираните млади диџеи Dejan Dexx и BerryQyat, кои неуморно пуштаат музика на разни локации во државата и создаваат своја музика во рамките на Hauz-колективот.

Истата вечер во МКЦ ќе настапи и Chagall, продуцентка на електронска музика, композиторка, пејачка, изведувачка, иноваторка и корисник на интерфејсот на MI.MU ракавиците. Живиот настап на Chagall Calibration е физичка манифестација на нејзините продукции, а ги контролира сите електронски слоеви, вокални ефекти и интерактивни визуелни проекции со движењето на сопственото тело. Не смеете да ја пропуштите!
Програмата в петок кулминира со настапите на познатите македонски диџеи Game Over и Гоце САФ, кои подготвуваат специјални тематски диџеј-сетови со музика од култни видеоигри.

Музичкото мени в сабота почнува повторно во 19 часот, а го зачинуваат две дами диџејки од Скопје, добро познатите Виолета Качакова и Соња Исмаил, кои се подолго време присутни на сцената и веќе имаат сериозна љубовна врска со клупската публика.
По нив, настапува Нино Наумов, еден од најреномираните македонски диџеи, кој е активен повеќе од 2 децении.

Главниот настап в сабота е резервиран за мегапопуларниот британски диџеј Ben Pearce! Неговите вештини како продуцент и диџеј го рангираат многу високо на светската клупска сцена, а неговите дела се омилени кај љубителите на електронската музика. Ben е продуцент на бендови, но прави и свои соло продукции, тој е музичар со еклектичен вкус и префинет пристап кон создавањето музика.

Пред Ben Pearce в сабота ја имаме и Ода Халити, диџејка од Косово, која е редовно присутна во музиката со настапи во најпознатите барови, клубови и фестивали на Балканот и во Европа. Покрај музиката, Ода е страсна поддржувачка на човековите права и активистка.
В недела, 4 ноември, фестивалот PlayUK Arcadia се заокружува со супер фината селекција на музика на Еми Ермилова и Сашо Узун, кои со свои диџеј-сетови ќе настапат од 14 до 20 часот.