Три театарски спектакли на Иван Поповски на сцената на МНТ

Најавата за трите театарски спектакли на еминентниот македонски режисер Иван Поповски, кои на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје ќе се одржат од 16 до 23 септември, предизвика голем интерес кај љубителите на театарската уметност кои секојдневно бараат билет повеќе.

Ова ќе биде прва можност и македонската публика да ги види претставите кои предизвикаа огромен интерес кај руската, но и кај европската публика "Сон на летната ноќ" од Вилијам Шекспир (2015), "Алиса зад огледалото" од Луис Керол (2010) и "Отровната туника" од Николај Гумиљов (2002). Тие ќе се одржат во рамки на фестивалот "Иван се враќа дома", организиран од еден од најреномираните московски театри "Мастерскаја П. Фоменко". Ова е прв домашен фестивал на претстави од македонскиот театарски режисер Иван Поповски, кој повеќе од 25 години живее и работи во руската престолнина Москва.

"Се работи за претстави од голем формат, со високобуџетни продукции, во кои учествува елитна театарска екипа, кои ја одушевија критиката, освоија многу награди и признанија и имаа исклучителен прием кај публиката. За нив постојано се бара билет повеќе, иако некои се на репертоарот и по многу години", велат организаторите.

Македонската публика ќе има можност да ја види претставата "Алиса зад огледалото" (возраст 7+) на 16 и 17 септември, од 18 часот. Ова е првата претстава за деца и возрасни на "Мастерскаја П. Фоменко" и првата од ваков вид на Поповски.

И оваа претстава ја одушеви критиката, која заклучи "...Поповски го послушал советот на писателот да не ги објаснува неговите измислици, а си поставил за цел да ги оживее на сцената... поубава и поинвентивна претстава не може да се изнајде низ цела Москва... "Алиса зад огледалото" ја доби наградата "Златен витез" за најдобра претстава за деца.

Претставата "Отровната туника" (возраст 16+) е на 19 и 20 септември, (20 часот). "Отровната туника" е волшебна, и воедно егзотична постановка на трагедијата на Гумиљов. Таа се игра на репертоарот на "Мастерскаја П. Фоменко" веќе 15 години предизвикувајќи несмален интерес кај публиката, поради што билетите за претставата се продаваат според листа на чекање"Никогаш досега не се чинело возможно на таков начин да се претстави тоа трагично спокојство, полно со романтични мечтаења, кое ја сочинува суштината на поезијата на Гумиљов. Поповски навистина го знае клучот за несценичните, но најпрекрасни театарски текстови на руската модерна", напиша печатот за претставата, оценувајќи ја и како "прескапа, но безумно убава"...

"Сон на летната ноќ" (возраст 12+), пак, е на 22 и 23 септември, (20 часот). Доделувањето на престижната награда "Златна маска" за најдобра претстава во Русија во 2015, беше на некој начин официјализирање на реакциите на печатот и публиката што и претходеа на наградата. Печатот едногласно ја прогласи претставата за извонреден театарски настан "...во време кога се чини дека веќе ништо не предвидува радосна театарска игра, на публиката и се случи 'Сон на летната ноќ' произведувајќи ефект на кислородна терапија за оние што се задушуваат... ".

Со претставите во Скопје ќе пристигне многубројна актерска и техничка екипа, а куриозитет е и тоа што сценографијата, костимите и техничката опрема пристигнуваат со 4 огромни камиони.
Од МНТ информираат дека претставата „Отровната туника" која ќе се игра на 19 и 20 септември, е распродадена, а за остантите претстави има мал број на билети, кои може да се купат на билетарницата на МНТ и во онлајн-продажба на www.kupikartizase.com.