Три новороденчиња починале при породување на Гинекологија во Скопје

Тројка предвремено родени бебиња починаа на Клиниката за гинекологија и акушерство.


Пациентката И.М. била хоспитализирана на 21 август на Клиниката за гинекологија и акушерство поради болки во абдоменот. Истиот ден е породена со царски рез во 27. недела со тројка, по претходно прснат воденик и пролабирана (испадната) папочна врвца и со цел да не биде прекинат доводот на кислород, веднаш е извршено породување. Новороденчињата се прифатени од педијатар и акушерка во операциона сала. Спроведена е и примарна реанимација со аспирација, вентилација со маска и амбу и термостабилизација и во инкубатор сите три биле транспортирани на Одделение за интензивна неонатална нега и терапија.

Со семејството во неколку наврати од страна на персоналот на Клиниката било разговарано, со цел да се објасни состојбата на новороденчињата, третманот и можните шанси за преживување и веќе следниот ден е констатирана смрт на сите три.

Министерството за здравство веднаш по добивање на информациите формираше комисија за стручен надзор која детално ќе го испита случајот, со цел да утврди дали во целокупниот третман на родилката и новороденчињата е постапено согласно протоколите и медицината базирана на докази. Истовремено комисија е формирана и од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.