Три изведби на балетскиот спектакл на мраз „Лебедово езеро“ во Скопје

Балетскиот спектакл „Лебедово езеро” во изведба на Државниот балет на мраз од Санкт Петербург на 16 декември (21 часот) и на 17 декември (22 часот) ќе биде прикажан во Македонската опера и балет. Двете претстави се распродадени и поради тоа од МОБ одлучиле на 17 декември во 18 часот да има уште една изведба на најпознатото балетско ремек дело од Петар И. Чајковски, за кое билетите веќе се во продажба.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на МОБ, Игор Дурловски, кој рече дека доаѓа техничка екипа од Германија, која ќе го подготви теренот, а тоа е сцена од 20 на 15 метри, со 3,5 тони мраз, кој треба еден ден да се замрзне и следниот ден да биде подготвен за работа.

Уметничкиот раководител на Балетот, Олга Панго истакна дека Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 од страна на светски признатиот кореограф Константин Бојарски, кој бил првенец во познатиот балет „Марински“ и играл на сцената со Михаил Баришњков и Наталија Макарова.

Посочи дека музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент, кој стои зад целата продукција и балетот.

– Играчите се врвно професионални, сите се високо балетски едуцирани, а некои од нив се исто така и олимписки прваци во уметничко лизгање. На сцената ќе имаме голем спектакл. Ново за публиката е што ќе видиме балет, кој не е конвенционален, она што го гледаме обично на нашата сцена, а со лизгалки. Сепак, луѓето изведуваат технички работи од балетски аспект. Сето она што ние го правиме како балет на шпиц патики, тие го прават на лизгалки, додаде Панго.

Раководителот на маркетинг во МОБ, Горан Цветковиќ рече дека билетите за претставата на 17 декември (18 часот) може да се купат преку продажната мрежа на kupikartizase.

Тој ги најави и другите активности на Балетот, кој, како што истакна, ќе оди на турнеја во рамки на која на 8 декември ќе биде во Ротердам каде ќе настапи во претставата „14 часа“. Посочи дека во МОБ денеска ќе биде изведена оперската претстава  „Евгениј Онегин“ од Петар Илич Чајковски, а на 10 декември оперската претстава „Лучија од Ламермур“ со Ана Дурловски.

– На 20 декември ги претставуваме „Леб и сол симфони“. Тоа ќе биде проштален концерт на групата „Леб и сол“ заедно со оркестарот и хорот на МОБ. Засега одлично оди продажбата на билетите. МОБ и натаму продолжува да работи на создавање млада публика. На 24 и 25 декември повторно се поставува балетската претстава „Снежана и 7 џуџиња“. Оперската претстава „Работилницата на Дедо Мраз“ ќе биде изведена 20 декември во 18 часот. Воведуваме нов термин во текот на неделата за децата наместо да одат во игротеките, да дојдат на еден културен настан, додаде Цветковиќ.