Три филмувани бестселери сега се достапни за македонските читатели

Во новата продукција на издавачката куќа „Антолог“ се најдоа неколку интернационални бестселери што, велат од таму, ги срушија сите рекорди на читаност во светот, а зад чии филмски остварувања стојат едни од најдобрите филмски екипи.

Станува збор за модерната дистописка сага „Круг“ од Дејв Егерс, биографската приказна за Стивен Хокинг – „Пат кон бескрајот“ од Џејн Хокинг и за вториот дел од научнофантастичниот серијал Лавиринтот,  „Бегство низ пустошот“ од Џејмс Дашнер.

По успешниот прием кај публиката на првиот дел, во издание на „Антолог“ излезе и вториот дел од тинејџерскиот мегахит Лавиринтот – Бегство низ пустошот од Џејмс Дашнер. Решавањето на Лавиринтот требаше да биде крајот и Томас беше сигурен дека бегството ќе значи слобода за Лединарите. Но ЗЛОПАК уште не завршил со нив. Почнува фаза 2. Пустошот. Нема правила, нема помош. Или ќе успеат или ќе умрат. Томас и другарите имаат две недели да го поминат Пустошот – пеплосаниот дел од планетата. А ЗЛОПАК ќе постави нови променливи пречки што треба да ги спречат во намерата. Пријателството ќе биде ставено на тест, лојалноста ќе доживее предавство. Ништо не е како претходно. Веќе постојат некои други. Нивниот опстанок зависи од уништувањето на Лединарите – а тие се решени да успеат.

Футуристичката антиутопија Лавиринтот е сметана за современа класика, а филмовите снимени според овие книги ја доживеаја речиси истата популарност како и романите.

„Сите три наслови се број 1 бестселери на „Њујорк тајмс“, а нивното објавување во „Антолог“ значи освежување за преводната едиција „Бранови“, која досега доби огромен број позитивни критики како од читателите така и од стручната јавност“, велат од издавачката куќа.