„Три дена култура 2“ - Фестивал на млади уметници

Во скопската гимназија „Никола Карев“ на 7,8,9 март втора година по ред ќе се одржи фестивалот на млади уметници „Три дена култура“. Оваа година фестивалот добива меѓународен карактер, со тоа што белградска Прва гимназија доаѓаат како гости во Скопје со пријави во сите 4 категории кои ги третира фестивалот.

Првиот ден со почеток од 20 часот ќе биде Младински Филмски Фестивал на кој своја проекција ќе имаат средношколци со свои авторски кратки филмови. По проекциите следува дискусија за филмска критика со дел од екипата на Гледај.мк - единствениот активен македонски портал за филмска и театарска критика. На Младинскиот Филмски Фестивал проекција ќе имаат 2 филма од првата генерација Докуникулци на Македокс „Адолесцнезура“ на Леа Димирова и „Поинакви“ на Розе Симоноска, како и „Мишко“ - (филм од официјалната селекција на Сараево Филм Фестивал и повеќе од 25 други меѓународни фестивали) на Ханис Багашов, „Временски Патник“ на Марија Перчинковска, „The Brightest One“ - анимиран филм на Антоанета Малиновиќ, „Шега“ на Оливер Милески и „Дихотомија“ - на ученичка од Белградската Прва Гимназија Марија Такиќ.

Вториот ден со почеток од 20 часот се „Театарски перформанси“ на кој учество ќе земат 7 средношколски кратки театарски претстави со кои на најсуптилен начин ќе се претстават новите и современи идеи за театарот и уметноста. Претставите кои ќе се играат се: „Ќуп“ - извадок од „Скржавец“ на Плаут, „Монолози од Пиреј“, „Les Cliches", „Нашата тајна“, „Случка во град најзагад“ по сценарио и режија на Дарио Ефтимовски, „Крчмарката“, а со танцувачки перформанси ќе настапат Dance Studio Vibe како гости на фестивалот и белградската Прва гимназија по кореографија на Анџела Лаушевиќ.

Третиот ден со почеток од 19 часот е свирка на средношколски бендови и дигитална изложба. На свирката ќе настапат 12 бенда од 8 средни гимназии низ Скопје, бендот Кукузел од „св. Климент Охридски“ од Охрид и бенд од белградската Прва гимназија. На дигиталната изложба учество ќе земат повеќе од 50 млади автори средношколци со фотографии, дигитални цртежи, слики, цртежи, графики и тн... 

Оваа година вкупно учество на фестивалот ќе земат повеќе од 150 средношколци од 14 гимназии. Фестивалот е во организација на Art house Karev и СУГС „Никола Карев“ - Скопје, а главни поддржувачи и спонзори се Младински Културен Центар, Кино Култура, Македокс, Гледај.мк, Скопје Сити Мол.