Трајановски вети нови патеки и субвенции за 10.000 велосипеди

Унапредувањето на условите за велосипедистите и користењето на велосипедот како рекреативно и превозно средство е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и во таа насока предвидени се голем број проекти во повеќе области коишто се директно поврзани со оваа појава, изјави кандидатот за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Коце Трајановски.

„Унапредување на условите за велосипедистите во Скопје продолжува и понатаму и во мојата изборна програма се предвидени голем број проекти кои ќе се реализираат во наредните четири години. Најважен од нив е продолжувањето на изградбата на повеќе од 20 километри нови велосипедски патеки, каде најмногу ќе се фокусираме на поврзување на Кисела Вода (Рута 3), како и Бутел и Чаир (Рута 4) со централното градско подрачје и другите општини“; рече Трајановски.

Покрај овој проект, додаде тој, во наредните 4 години ќе се реализираат и други проекти за унапредување на условите за користењето на велосипедот како превозно и рекреативно средство, како што се продолжувањето на доделувањето на субвенциите за купување на 10.000 велосипеди на граѓаните, поставување нови паркинзи за велосипедите, како и унапредување на постојаниот систем за изнајмување велосипеди на ЈП „Градски паркинг“ со имплементирање нови, софистицирани системи за самоизнајмување велосипеди.